Се наоѓате на: За нас Билингвална настава
 
 

Билингвална настава и интердисциплинарни проекти во средното образование

Билингвална (двојазична) настава

Билингвалноста или двојазичноста (двојазичност, лат. Bilinguis) е дефинирана различно. Најопшто значење на овој термин е  користење на два или повеќе јазици во секојдневниот говор. За некои толкувачи двојазичноста значи еднаква способност да се користат и двата јазици во комуникацијата. За други двојазичноста значи способност за комуникација и на двата јазици, но со подобри вештини во едниот јазик. Многу често учениците од билингвалните паралелки изучуваат не само втор туку и трет или четврти странски јазик.

Билингвалната настава претставува настава на два јазика:  настава на мајчин јазик и настава на друг јазик кој може да биде друг јазик во земјата или некој од европските  јазици. Тоа подразбира не само изучување на другиот јазик во земјата или странскиот  јазик како предмет туку и користење на јазикот во една или повеќе  нејазични  дисциплини (предмети). Билингвалната настава може да биде интегрирана во предучилишното образование, во основното, средното образование како и на факултетите.

Според кадарот со кој што располагаат, училиштата предлагаат изучување на една или повеќе нејазични  дисциплини  на странскиот  јазик (математика, физика, хемија, биологија, географија, историја, економија, музика и др.).

Предности на билингвалната настава:

- унапредување на способностите за говорење, пишување и комуникација;

- учениците се активни учесници во наставата;

- самостојно истражување, унапредување на способноста за тимска работа;

- почитување на мултикултуралноста, развивање на толеранцијата, почитување на разликите;

- чувство на успех и задоволство од постигнатите резултати.

Очекувани резултати:

-подигнување на нивото и квалитетот на јазичните способности на учениците;

-воведување на нови и ефикасни методи во секојдневната настава;

-градење на критериуми и стандарди за да се потврдат  постигнувањата  на учениците и наставниците;

-развивање на соработката со двојазичните градинки, училиштата и факултети во земјата и надвор од неа;

-стекнувањето на јазична компетенција станува средство за воспоставување на директен контакт меѓу луѓето од разни земји и овозможува пристап кон универзалното знаење, кон техничките достигнувања и информатиката;

-поголема чувствителност, разбирање и толеранција за други луѓе, култури и јазици, надминување на јазичните и културните бариери;

-зајакнување на вештините на соживот и меѓусебно разбирање;

-зголемување на знаењата на стручната терминологија, стручни способности, можност за добивање на меѓународно признаени сертификати како и полесно вработување.

 

Билингвална настава на француски јазик во Р. Македонија и Гимназијата

„Орце Николов“ од Скопје

Билингвалната  настава на француски јазик во Македонија е воведена во учебната 1997/1998 во Гимназијата “Свети Кирил и Методиј” во Неготино, а од  2000-2001 година, во уште 5 гимназии, во две гимназии во Скопје:  „Орце Николов“ и  „Раде Јовчевски Корчагин“, во Тетово: „Кирил Пејчиновиќ“, во  Куманово:  „Гоце Делчев“  и во Битола: „Јосип Броз Тито“.

Овие билингвални паралелки започнаа со работа со поддршка и во соработка со Министерството за образование и наука, Француската Aмбасада во Р. Македонија и Францускиот културен центар во Скопје. Наставата во овие паралелки се одвива според концептот и програмите на реформираното гимназиско образование, делумно на француски јазик. Францускиот јазик се учи како прв странски јазик (со четири часа неделно) и еден час неделно со лектор од Франција.

Некои од наставните предмети: математика, физика, хемија, информатика, историја, географија, се изведуваат со одреден број на часови на француски јaзик, со постепено наголемување на бројот на часовите во текот на секоја наставна година. Покрај учебниците и наставните помагала на македонски или албански  јазик одобрени од Министерството за образование, учениците од билингвалните паралелки имаат можност во наставата да користат и изворни учебници на француски јазик, речници, списанија и друга помошна литература со која располага училишната библиотека и центарот за документација.

Кадровски услови: наставниците вработени во училиштата со билингвална настава треба да имаат доказ за познавање на францускиот јазик барем на ниво Б2, дефиниран со Заедничката европска референтна рамка за јазиците, изработена од Советот на Европа, која дефинира шест нивоа на познавање на еден странски јазик. Покрај јазичните знаења тие треба  да поседуваат стручни, педагошко-психолошки, методички  вештини и способности.  Поради тоа наставниците  што предават во билингвалните паралелки на француски јазик се вклучени во лингвистичко-педагошки обуки и семинари за билингвална настава во Македонија и во странство.

Учениците од билингвалните паралелки на француски јазик редовно учествуваат на конкурсите, натпреварите како и во сите други активности организирани од страна на Францускиот културен центар и Филолошкиот факултет: Одиме во Франција, Француска Олимпијада, Француска шансона, Франкофонски театарски фестивал и др. како и во организација и реализација на Деновите на Франкофонијата.

Од 2006 година започна и поинтензивна соработка со партнер-училишта од Франција преку работа на заеднички педагошки интердисциплинарни проекти.

На крајот на средното образование учениците имаат можност да се  здобијат со посебен сертификат од француската амбасада за познавање на јазикот, кој го добиваат со полагање на завршен испит по француски јазик и два нејазични предмети по избор на ученикот, изучувани во текот на школувањето.

Учениците имаат можност за запишување на франкофонски универзитети без полагање на јазичен испит. Билингвалната настава го олеснува пристапот до странските универзитети и е одличен начин на отварање кон Европа и светот.

 

 

Интердисциплинарни проекти во билингвалните паралелки  и размена на ученици во соработка со училишта од Франција

Во рамките на наставата преку проектните активности и проекти учениците и наставниците  имаат можност за работа на интердисциплинарни проекти на различни теми од различни предмети во согласност со програмата (екологија, енергија, здрава исхрана, урбана култура, историја, литература). Овој начин на работа овозможува третирање на овие теми од различен аспект и со различен пристап на изучување, поголема активност и вклучување на сите учесници во работата на проектот според нивните интереси.

Проектите се работат во текот на учебната година по однапред утврдена програма, во соработка и постојана комуникација со професорите и учениците од партнер училиштата во Франција (однапред утврден календар за работа во кој се предвидени сите етапи на работа, учесници во проектот, дефинирање на поттемите, поделба на групи, поделба на задачите, начин на презентација на резултатите). Проектниот тим го сочинуваат професорите по француски јазик и професорите што предаваат нејазични предмети на француски јазик (математика, физика, хемија, историја, географија, информатика). Во работата на проектите се предвидува соработка и со други институции поврзани со темата која се обработува (лаборатории, фабрики, факултети, музеи и сл.).

На крајот на учебната година реализираните проекти се презентираат во соодветните партнер училишта. Во текот на престојот на учениците и професорите во Франција или во Македонија освен презентација на резултатите од проектот се организира и богата програма со посета на институции во врска со проектот, културно-историски споменици и се организираат заеднички активности и манифестации.

 

Соработка на Гимназијата Орце Николов” - Скопје со училишта од Франција 

Соработката на Гимназијата ”Орце Николов”  со училишта од Франција започна од 2005 година преку проектот “Здравје и ризично однесување“ со гимназијата  “Bel Air“  од градот Fontenay le Compte.

Со Гимназијата “Baudelaire” од градот Roubaix се реализирани следните проекти:

“Без вода нема живот“ во учебната 2006/2007 година, “Од традиционална до модерна исхрана“ во учебната 2007/2008 година, “Нов живот, нова енергија“ во учебната 2008/2009, “Мојот град“ во учебната 2009/2010.

Со Гимназијата “Morandiere” од Granville се реализирани проектите: “Водата извор на животот“ во учебната 2008/2009 година, “Мојот град“ во учебната 2009/2010 година и „Охрид-природно богатство под заштита на Унеско“ во учебнта 2011/2012 година.

Преку работата на овие интердисциплинарни проекти се остваруваат неколку главни цели:

- активно вклучување на младите во заштитата на животната средина и здравјето, организација и учество во еколошки акции во и надвор од училиштето (зачувување на изворите на водата, пречистување на отпадните води, штедење на водата, енергијата, здрава исхрана, уредување на училишниот двор и сл);

-продлабочување на знаењата и зголемување на интересот кон природно-математичките и информатичките науки;

-подобрување на знаењата на францускиот јазик и историја;

-развивање на комуникациски вештини преку користење на интернет и други современи облици на техника и комуникација;

-соработка со млади од други држави, интеркултурна размена;

-интензивирање на соработката со институции во Општината Карпош, градот Скопје и од Република Македонија.

 

 

 

Подготви:

Сузана Стојчевска, професор и координатор за билингвална настава на француски јазик во СУГСГ „Орце Николов“ Скопје

http://www.orcenikolov.edu.mk/

Додади коментар

Безбедносен код
Освежи